Арсенал со оптимизам ја започна летната турнеја во Малезија, откако менаџерот Арсен Венгер соопшти две добри вести за навивачите.
Тој потврдил дека клубот официјално ја ангажирал ѕвездата на францускиот шампион Лил – Жервињо.
Потоа Венгер изјавил дека и ѕвездите Самир Насри и Цеск Фабрегас ќе останат во тимот иследната сезона. Цело лето траат шпекулациите дека овие двајца фудбалери ќе ги напуштат “топџиите”. Насри има договор со Арсенал до летото 2013. година и затоа се претпоставуваше дека Венгер ќе го продаде доколку на адреса на лондонскиот клуб стигне вистинска понуда од неконкурентски тим на Арсенал. Ситуацијата околу трансферот на Фабрегас во Барселона е добро позната на целата јавност.
Венгер сепак, изјавил дека Насри е “многу среќен” во Арсенал и ќе остане во тимот, додека Фабрегас ќе треба да се помири, и покрај неговата желба да се врати кај Каталонците.
Шпанецот не е дел од групата од 23-ца фудбалери, која замина за Азија и тоа дополнително налеа масло на огнот на трансфер шпекулациите. Венгер тврди дека тоа е поради повреда.
Уште тројца други фудбалери не заминаа со Арсенал на турнејата во Азија, а и тројцата се поврзуваат со трансфери во друг клуб – Мануел Алмунија, Емануел Ебуе и Никлас Бентнер.