Земјите од Западен Балкан треба да направат многу повеќе да ја спречат злоупотребата на визната либерализација, изјави европратеничката Тања Фајон во интервју за новосадскиот весник “Дневник“.
“Не остана многу време за подобрување на состојбата. Реално е да се очекува Советот на министри на ЕУ во јуни да утврди механизам за привремена суспензија на визната либерализација“, изјавила Фајон.
Таа вели дека по ставањето на Македонија, Србија, Црна Гора, а подоцна и на Албанија и Босна и Херцеговина на “белата шенген листа“, се појавиле криминални мрежи кои организираат патувања на лажни азиланти во земјите на Европската Унија.
Фајон истакнува дека Шенген зоната ќе опстои и покрај актуелните проблеми и барањата на некои членки – земји на ЕУ за радикални измени во договорот за нејзиното воведување, додавајќи дека Европскиот парламент решително ќе ги брани актуелните шенгенски правила и нема да поддржи никакви радикални ревизии.
“Секоја расправа за измена на шенгенските правила е апсурдна и опасна, бидејќи слободата на движење е темелот на човековите права на која ја градиме европската заедница“, потенцира Фајон.
Извор: Нетпрес