Кога имате огромни стапала како мароканецот Брахим Такиоула, ни продавници како „Гуливер“ не ве спасуваат. Такиоула влезе во Гинисовата книга на рекорди како сопственик на најголемите стапала на светот.
Верувале или не, левото стапало на Такиоула е долго неверојатни 38.1 сантиметар, додека неговото десно стапало е малку помало, односно 37.1 сантиметар.
На Такиоула за малку му избегал и рекордот за највисок човек на светот, бидејки е за 5 сантиметри понизок од турчинот Султан Косен, кој е висок 2.42 метри.
Всушност, на Такиоула му била дијагностицирана акромегалија, редок синдром кој влијае врз мозочните клетки и го поттикнува создавањето на преголема количина хормон за раст. Тоа значи дека Такиоула има тумор во хипофизата, па докторите му советуваат да се оперира.
Такиоула вели дека го сака својот живот, иако секојдневно се соочува со многубројни предизвици заради неговата висина. Само за пример, тој мора да порачува чевли кои се специјално изработени за него, а тоа го чини околу 3.500 евра за еден пар.