Репрезентацијата на Македонија повторно не израдува со победа. Македонија ја совлада репрезентацијата на Словенија со 68-59. Со ова остануваме во игра за првото место, но за да го оствариме тоа ќе треба да ја победиме досега непобедливата Русија.
Македонија доминираше во текот на целиот натпревар. Вообичаено одигравме одлично во одбраната, имавме 8 украдени топки, 32 скока, и ја принудивме Словенија на 16 изгубени топки. Словенија имаше само едно водство во текот на целиот натпревар, и тоа на средината на втората четвртина. По тоа водство ние почнавме пополека да се одлепуваме и на полувреме заминавме со 8 разлика. Со исти сили продолживме и во второто полувреме и на еден момент од последната четвртина имавме и 17 разлика. При крајот Словенците намалија и на шест разлика, меѓутоа беше доцна, Македонија се радуваше и победи со 68-59.
Најефикасен кај нашата селекција, стандардно, беше Лестер Бо Мекејлеб со 19 поени. Добра партија имаше и Владо Илиевски кој постигна 14 поени и имаше 5 асистенции. Невообичаено капитенот Антиќ денеска не постигна поени, меѓутоа имаше 6 скокови.
Во понеделник играме против репрезентацијата на Русија во 20 часот. Со среќа момци.