Заводот за статистика на Велика Британија врз основа на анализите на статистичките податоци од последниот попис на жителите во земјата, во кој биле покриени 19 различни професии, излезе со податок дека месецот во кој е родена некоја личност може да биде индикатор за неговата професија.
Според овие статистички податоци, меѓу личностите кои се родени во јануари преовладува професијата доктор по општа пракса, во февруари се раѓаат најмногу уметници, додека март е добар за пилотите и музичарите.
Студијата на британскиот завод за статистика истакнува дека родените во летниот период имаат многу мала шанса да бидат успешни фудбалери, доктори и стоматолози, додека пак септември е поволен месец во кој се раѓаат добри и успешни спортисти.
Научниците веруваат дека помеѓу месецот на раѓање и здравствените проблеми постои определена врска која вели дека децата родени на пролет имаат зголемен ризик од заболување од разни видови болести.
„Се чини апсурдно но месецот во кој сте родени влијае на животниот век на луѓето, на висината, успехот во училиште, индексот на телесната маса а во доцните години и склоност кон определени болести“ истакнува Расел Фостер професор по неврологија на универзитетот во Оксфорд.