Пентагон и понатаму не може да открие каде се наоѓаат 6,6 милијарди долари готовина која со авиони биле испратени во Ирак по извршената инвазија, а американските финансиски инспектори за прв пат ја прифаќаат можноста тие пари да се украдени.
Како што пишува “Лос Анџелес тајмс“ американската влада веднаш по инвазијата на Ирак во март 2003 година, таа земја ја преплавила со готовина наменета за обнова, што била изнудена мерка во време која економијата и државните служби на Ирак се распаднале.
До мај 2004 година, во околу 20 летови биле префрлени околу 12 милијарди долари, што се смета за најголем пренос на пари во готово некогаш во историјата. Претставници на министерството за одбрана процениле дека во еден авион биле испратени 2,4 милијарди долари.
По невообичаениот превоз на парите, истите биле сместени во некоја од палатите на Садам Хусеин и по американските бази во Ирак, за да на крајот да се поделат на ирачките министерства и компании кои работеле за владата. Претставници од министерствата не воделе контрола, па милиони долари биле ставани во обични торби и товарани во комбиња и така стигнувале до одредиштата.
Некои американски компании кои работеле за владата и претходно биле обвинувани дека потрошиле десетици милиони долари за мито, но сепак ги обвинуваат ирачките власти. Во изминатите шест години Пентагон тврдел дека може да влезат во трага на исчезнатите пари, само доколку им се пружи доволно време да ги прегледаат сите документи, но и таа потрага се покажала како безуспешна.
Извор: Нетпрес