Празниците и годишните одмори се идеално време да се погрижите за одмор, релаксација, но и за лекување и психофизичка рехабилитација на вашето тело. Но, не заборавајте дека менталниот и физичкиот дел од телото се само делови од целината која се вика организам. Организмот постојано тежнее кон баланс, а тој може да се воспостави само како баланс меѓу физичкиот и менталниот дел. Понекогаш се случува динамиката на секојдневието да придонесе кон тоа да игнорираме, па дури и да не забележиме дека имаме дисбалнас во некој дел од телото. Се разбира, лекарските прегледи се најдобриот начин да откриеме дали и каков здравствен проблем имаме, но понекогаш можеме да го сториме тоа и самите. Затоа, освен за одмор слободното време и повлекувањето од секојдневието употребете го да стапите во контакт со сите делови на вашето тело. Ова звучи малку необично, па дури и невозможно, но обидете се и ќе видите дека ако добро се концентрирате – ќе дознаете многу повеќе за себе.
Еве еден таков експеримент:
За почеток изберете време кога сте одморени и кога околу вас е тишина и нема кој да ве вознемирува. Легнете, затворете ги очите и обидете се да стапите во контакт со секој дел од вашето тело. Допрете ги нежно со раката вашите стапала и почувствувајте ги. Останете во допир со нив додека не почувствувате како им е. Можете дури и да ги прашате! Потоа, допирајќи се со раката одете понатаму кон сите делови на телото: колената, надколениците, стомакот, градите, рамениците, вратот, деловите на лицето и главата. Задржете се на секој дел од вашето тело, се додека не почувствувате како е. Доколку наидете на дел од телото или орган за кој чувствувате дека не е добро, задржете ја раката на тоа место, останете подолго време во контакт со него…
Запомнете го чувството додека сте во контакт со тој дел од вашето тело – тоа може да биде добра насока да се обратите кај лекар или едноставно да заклучите дека на тој дел му е потребен повеќе одмор, движење, промена на храната или сл. Особено задржете се на оние делови од телото кои не ги чувствувате или тешко стапувате во контакт со нив. На пр, при овие експериментии луѓето најчето не ги чувствуваат мускулите кои вообичаено се многу пасивни (глутеусите, стомачните мускули и сл.) или пак чувствуваат болка и исцрпеност на деловите кои се постојано напнати и активни во текот на годината (во вратниот дел, на стапалата и сл.). Ако сте имале многу силни или доготрајни стресни ситуации, почувствувајте дали некаде во вашето тело има акумулиран стрес. Имајте на ум дека Вие имате способност да го лоцирате местото, но исто така и да го ослободите тоа место од стресот. Направете го тоа на ваш начин.
На крајот, опуштете се и размислете околу тоа што би можеле да преземете во врска со она што го добивте од ова искуство.
Овој експеримент можете да го правите и со вашиот партнер, така што Вие ќе го/ја допирате. Тој /таа може гласно да ви ги каже доживувањата во врска со експериментот, но не мора. Доволно е и двајцата да имате свое доживување…
Ова можете да го правите секогаш кога сте расположени. По некое време, ќе можете да го правите и без допирање… Се е тренинг, па така и воспоставувањето на овој контакт со себе.
Доколу овој експеримент не успее од првпат, обидете се повторно. Важно е да бидете фокусирани на она што го правите и порано или подоцна ќе успеете.
Извор: статија.мк