Голема среќа во несреќа имале патниците кои седнале во автобусот чиј возач бил пијан во Чешка, бидејќи еден од патниците го натерал шоферот со 4,7 промили алкохол во крвта да му го препушти воланот.
„Се познаваме со години, тој ми е другар од училиште. Едноставно му реков „носи се“ јас ќе го довршам возењето наместо тебе. Тој не сакаше да ми го отстапи местото и да возам јас, па повикав полиција. На крај застана и ми дозволи јас да возам“, изјавил за една чешка телевизија Војтех Балог, раскажувајќи дека спасил 20 патници.
Балог има возачка за автобуси, а возењето го преземал откако на сите патници им станало сомнително зошто возачот постојано ја отвара и затвара вратата, се шири миризба на алкохол и едвај успевал да вози.
Директорот на автобуската компанија соопштил дека 37 годишниот возач бил отпуштен. Полицијата го уапсила и измерила 4,7 промили алкохол во крвта.