Осуден педофил од околината на Задар е првиот Хрват кој побарал хемиска кастрација( хормонска терапија со цел да се намали сексуалниот нагон на пациентот). Според пишувањето на Слободна Далмација, маж на 38-годишна возраст од Госпиќ се наоѓал на издржување на затворска казна во траење до седум години, за силување и подведување на неговата 19-годишна жена и нејзиниот 15-годишен брат, кого година дена го малтретирал и силувал. Тој бил осуден во 2006 година, а моментално е на привремена слобода.
– Сакам да се кастрирам и продолжам со мојот живот кога ќе излезам од затвор. Во градот каде што живеам никој не сака да зборува со мене, сите ме избегнуваат, а мајките ги засолнуваат децата од мене. Знам дека сите ме сметаат за силувач и педофил, но кога ќе се кастрирам ќе им покажам на сите дека сум ја платил за својата грешка и дека повеќе не сум опасен, напишал во своето писмо до затворската управа. Од нив побарал да му платат хемиска кастрација, но тие го одбиле и упатиле на психотерапија. Во декември, веќе би требало да биде на слобода.