Американскиот претседател Барак Обама има повеќе од 24 милиони пријатели на Facebook, меѓутоа тој и неговата сопруга Мишел не им даваат на своите ќерки Саша и Малиа да ја користат социјалната мрежа.
Оваа информација доаѓа од интервјуто кое претседателот и „првата дама” го дадоа за магазинот People.
„Зашто би сакале да имаме илјадници луѓе кои не ги познаваме за да се мешаат во нашите работи. Тоа нема баш премногу смисла”, изјавил претседателот Обама во интервјуто.
Првата дама истакнала дека Малиа има 13 години, а Саша 10 години. Таа се пошегувала: „Ќе видиме како тие ќе се чувствуваат за четири години”.
Технички гледано, Малиа е доволно стара да може да има сметка на Facebook. Сојузните прописи во САД им забрануваат на веб страниците собирање на информации од корисниците помлади од 13 години. Поради тоа Facebook бара од корисниците да бидат постари од 13 години пред да отворат сопствен профил на оваа социјална мрежа.
Сепак, овој пропис и услови на користење кои ги одреди Facebook не спречија милиони деца да се пријават на Facebook, честопати дури и со помош на своите родители.
Регулаторите во САД размислуваат за промена на овој закон за подобро да одговорат на предизвиците кои пред нив ги поставува новата ера на социјални мрежи и апликации за мобилни телефони.
Federal Trade Commision, независната агенција на американската влада, чија цел е заштита на потрошувачите и оневозможување на анти-конкурентските деловни пракси како што е на пр. монополот, предложи строга заштита на приватноста за деца помлади од 13 години, и ги зголемила барањата кои се однесуваат на собирање на лични податоци од страна на веб страниците и онлајн апликациите.