Британските археолози неодамна пронајдоа над 2000 години стар пат од бронзеното време, направен од дрва и сочуван во тресет (вид на земја која ја има во влажните предели и се користи како органско гориво). Се мисли дека патот е направен од племето „Ицена“ пред доаѓањето на Римјаните на островот.
Врз основа на доказите, се верува дека патот пронајден во источна Англија е направен околу 75-тата година пред новата ера и дека бил дел од патеката во близина на реката Вејвени и околните мочуришта.
Ицените во периодот на 60-тите години од новата ера го освоиле пределот околу денешен Лондон и Клочестер пред истите да ги заземе римската војска.
Откриен во јуни, патот со должина од 500, а ширина од 4 метри се протега преку мочуриштето Хорфолк се до реката Вејвени. Археолозите сметаат дека тој пат бил поврзан со уште најмалку два пата, кои минуваат преку реката.
Освен што биле користени за преминување преку вода, археолозите веруваат дека дрвените патишта служеле и како средства за означување на територијата за трговци и патници кои доаѓале од далечни земји, но и како места за племенски религиозни ритуали.
Дрвените структури, ретко присутни во археолошките наоѓалишта, се добро сочувани и на нив се забележуваат траги од оружје. Предмети како мечеви, штитови и копја се пронајдени по должината на реката и се верува дека тоа биле дарови за боговите и за предците.