Популарниот рапер ќе ја игра улогата од своите сништа – музичар и макро.
Снуп Дог, рапер кој најверојатно најмногу пати во своите песни го има искористено зборот макро (pimp) ќе го глуми Филмор Слим, блуз пејач и гитарист кој едно време важел за најголем макро на западната обала.
Слим се прославил во шеесетите и седумдесетите години на претходниот век и има снимено неколку албуми. Во јавноста бил најпознат како „Татко на макроата“ или „Кум на западната обала“. Последниот албум го објави минатата година, а сеуште е на турнеја, иако има 76 години.
„Овој филм ја опфаќа деценијата од животот на Слим кога биле неговите музички почетоци, неговото брзо темпо на живот, годината помината в затвор и излегувањето од затвор“, кажува сценаристот Алан Ејмс.
Снуп Дог ќе ја има главната улога во филмот наречен „Легендата за Филмор Слим“, а останатите улоги сеуште не се поделени. Досега, раперот има глумено во филмовите „Ден обука“ и „Старски&Хач“.