Тенкови на сириската војска утрово влегоа во крајбрежниот град Баниас, еден од центрите на антирежимските протести. Жителите на градот формираа жив ѕид за да ја спречат оваа воена операција, соопштија активисти за човекови права.
Тенковите од три правци навлегле во градските квартови, каде мнозинското население се сунити, а одекнувале и силни пукотници, пренесуваат западните медиуми.
Во градот се прекинати речиси сите комуникациски врски, а исто така е запрено снабдувањето со електрична енергија.
Новата акција на сириската војска следува два дена откако 40 воени возила се повлекоа од јужниот град Дара, кој беше окупиран од 25. април и еден ден откако во насилното задушување на протестите ширум земјата, беа убиени најмалку 26 лица.
Соединетите американски држави, соопштија дека ќе следува силна меѓународна реакција и дополнителни мерки доколку Дамаск не запре со насилствата врз демонстрантите, а Белата куќа ја поздрави одлуката на Европската унија да воведе санкции за сириските функционери.
Од средината на март, во антирежимските протести во Сирија се убиени повеќе од 600 лица, а околу 8.000 се уапсени и исчезнати, покажуваат податоците на група за заштита на човекови права.
Извор: Нетпрес