Топлотен бран го зафати целиот Балкан, а граѓаните на секаков начин се обидуваат да најдат спас од високите температури.
Бранот не ја заобиколи Македонија. Највисоката температура денеска ќе достигне 39 степени, а утре ќе се намали на 38.
Во главниот град, денеска највисоката температура ќе изнесува 38 степени, а утре ќе се намали на 35. Од хидрометеоролошкиот завод најавуваат дека во текот на неделава ќе продолжи периодот на многу топло време. Утре попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност со краткотраен пороен дожд и грмежи, а потоа до сабота следува стабилно и суво време.
Препорака за сите граѓани е заради високата вредност на УВ индексот во периодот од 11 до 16 часот да се избегнува изложеност на директно сончево зрачење.
Грчкиот национален метеоролошки центар денеска соопшти дека температурата ќе достигне 39 степени, а во наредните денови не се очекуваат осцилации на температурата. Заради страв од пожари, државната служба е во режим на подготвеност.
Еден шумски пожар веќе избувна на северот на Закинтос, а според противпожарникарската служба, населените места не се загрозени.
Во операцијата на санирање на пожарот учествувале 18 пожарникари, два авиони и еден хелихоптер.
Во последните 24 часа ширум Грција се регистрирани 70 пожари, а во овој момент сите се ставени под контрола.
Тропскиот бран ја зафати и Хрватска, носејќи со себе и човечки жртви – според тамошните медиуми во реонот на Задар во изминативе денови регистрирани се осум, а во источна Славонија, каде температурите се највисоки, уште три жртви.
Екипите на брза помош имаат двојно повеќе интервенции од вообичаеното, а граѓаните најмногу се жалат на вртоглавици, срцеви и невролошки проблеми.
Една од последиците на долготрајните горештини без дожд се и пожарите.
Хрватските медиуми јавија за пожар кој од територијата на Босна и Херцеговина вчера попладне се прошири на Хрватска и во кој, до моментот кога е локализиран, изгореле стотина хектари борова шума.
На удар е и Босна и Херцеговина, но според податоците на брзата помош за сега нема поголеми проблеми затоа што граѓаните се придржуваат кон упатствата на лекарите.
Во последните два дена, температурата во Република Српска преминала 32 степени.
Во текот на денот, градовите се празни, а спасот се бара на базените и покрај реките.
Топол бран го зафати и Мостар, каде последниве денови, на приватни термометри е забележана температура од 40 степени.
Слично е и во Црна Гора каде вчера беше најтоплиот ден во последните 50 години – во Подгорица и Данилов град се измерени рекордни 39 степени Целзиусови.
Главниот град на Србија, Белград со измерена температура од 37 Целзиусови степени, вчера во 15 часот беше најтопол град во Европа.
Денеска во Србија топлото време продолжува, со температура до 38 степени.
Брзата помош во Белград, до пладне интервенирала 65 пари, и тоа 28 интервенции биле на јавни места, најмногу заради онесвестувања.
Извор: Нетпресс