Накитот кој го носела една богата Американка на бродот „Титаник“ е украден изминатиов викенд од Копенхаген, каде бил изложен, изјави вчера претставникот на изложбата Торбен Планк.
Огрлицата е украдена за време на отворањето на изложбата, а крадците успеале да побегнат, бидејќи алармниот систем воопшто не се вклучил.
– Сметаме дека крадците не се професионалци, бидејќи на истото место беа изложени и далеку повредни парчиња накит, – додава Планк.
Украдениот накит му припаѓал на семејството Вајденер од САД, едно од најбогатите семејства кои тогаш се нашле на „Титаник“.
Украдениот накит е вреден 14.000 евра, а можеби и повеќе ако се продаде на аукција, наведено е во соопштението, како и дека ќе им биде многу тешко на крадците да го продадат накитот бидејќи е доста познат низ целиот свет. Накитот најверојатно ѝ припаѓа на Елеонор Вајденер, која ја преживеала несреќата на бродот.
Изложбениот салон нуди награда од 1000 долари за било каква информација во врска со кражбата.