Некои навики за кои мислиме дека се здрави, како што е миењето на забите по секој оброк, за организмот можат да бидат повеќе штетни отколку корисни.
Миење заби по секој оброк
Можеби мислите дека миењето заби по секој оброк ќе го зачува нивното здравје и добар изглед, но стоматолозите велат поинаку. Честото миење ја оштетува забната глеѓ, а за да ги отстраните остатоците од храна, измијте ја устата само со вода или користете конец за заби. Со четка и паста мијте ги забите само наутро и навечер.
Употреба на флаширана вода
Не сте сигурни во исправноста на водата од чешма, па пиете само флаширана вода. Иако на тој начин го штитите организмот од разни нечистотии, истовремено го ризикувате здравјето на забите. Бидејќи водата од шише не содржу флуор кој е потребен за забите, подобро да набавите некој од уредите за пречистување на водата и да пиете вода од чешма.
Претерување со витамини
Експертите велат дека не секогаш е добро да се внесуваат премногу витамини и минерали. Многумина ги користат без претходна консултација со лекар и доволна информираност за тоа како и колку треба да се внесуваат, иако внесувањето во големи количини може да предизвика сериозни последици. Витамините во големи количини може лошо да влијаат на развојот на фетусот, да предизвикаат гастроинтестинални тегоби, па дури и оштетување на нервите.
Дезинфекција на рацете
Ако посегнувате по средството за дезинфекција секогаш кога ќе допрете нешто надвор од дома или кога се поздравувате со некој, тогаш станувате лесен плен за бактериите и вирусите. Истражувањата покажуваат дека многу средства за дезинфекција содржат триклосан, супстанца која кај бактериите и вирусите развива отпорност на антибиотици. Доволно е рацете да ги миете со сапун и вода.
Чистење на домот со јаки хемиски средства
Одржувањето на домот кристално чист со силни хемиски производи кои ги дезинфицираат површините од бактерии, се чини како добар начин да го сочувате здравјето. Не е докажано дека овие производи подобро ги убиваат бактериите од обичните, но затоа пак некои соединенија кои ги содржат можат да бидат канцерогени, да предизвикаат астма и да ја пореметат хормонската рамнотежа на организмот. Затоа, добро прочитајте ја етикетата пред да го купите производот или чистете го домот со природен оцет и вода.
Одење без обувки
Лекарите советуваат, особено за децата, да се оди без обувки за стопалото да се развие правилно. Меѓутоа, и овде постои опасност. Освен што лесно може да дојде до повреда отколку кога сте облечени, одењето без обувки ве изложува на опасност од заразни болести како што се брадавици и габи кои лесно се пренесуваат на базените или во козметичките салони.