Ел Нидо е еден од најубавите делови на Филипините, кој се наоѓа на 250 километри југозападно од Манила, главниот град на оваа азиска држава.
Станува збор за прекрасен реон на крајбрежјето на Филипините, кој ги опфаќа и локалните острови и кој е еден од најбараните туристички дестинации кога станува збор за тропските острови во Азија.
Ел Нидо изобилува со прекрасен растителен и животински свет, 50 прекрасни бели песочни плажи, 5 видови на шуми, 16 ендемски видови на птици, 6 видови на ендемски морски цицачи, неколку видови на загрозени морски желки, преку 100 видови на корали и преку 800 видови на риби кои сочинуваат еден прекрасен морски свет кој е вистински рај за љубителите на нуркањето.
Климата во Ел Нидо е прекрасна во текот на целата година, со температури кои се движат од 22 до 33 степени целзиусови, што го прави оптимална туристичка дестинација. Кога станува збор за островите кои се дел од Ел Нидо, најпознати се Пангалузијан, Виган, Минилок, Лаген, Кадлао и Мантилок.
Прекрасните џунгли, долгите песочни плажи, волшебните лагуни придонесоа Ел Нидо да биде избран за една од најдобрите туристички дестинации во светот.