По повод 109 годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев, денеска ќе се одржи панихида во црквата „Свети Спас“ на скопско Кале, каде се наоѓа и гробот на Делчев.
Георги Николов Делчев е роден на 23 јануари (4 февруари, нов стил), 1872 во Кукуш, Егејска Македонија, како прво машко дете, трето по ред на бројната фамилија Делчеви која имала вкупно девет деца.
Делчев започнува да го посетува прогимназијалното училиште во Кукуш. Гоце потоа го завршил средното образование во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“. Се запишал во Военото училиште во Софија во 1891. Подоцна, како питомец во военото училиште во Софија тајно ги посетувал социјалистичките кружоци и ја ширел социјалистичката литература, за што е исклучен од училиштето. Делчев станал учител во Бугарското машко трикласно училиште во Штип (Ново село), заедно со Туше Делииванов во 1894 каде што се запознава со Даме Груев, еден од основачите на ТМОРО. Како резултат на блиското пријателство меѓу двајцата, Делчев и се придружил на Организацијата во 1895 набрзо станувајќи нејзин водач.
Гоце високо го издигнал неговиот интернационален и коспополитицки поглед: Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар на народите. Оваа мисла го вбројува Гоце во редот на светските хуманисти. Нејзината порака до денес не изгубила од својата актуелност.
Во јануари 1903 година, Гоце Делчев се изјаснува отворено како прв против кревање на востание во Македонија таа година, познато потоа како „Илинденското востание“, како преран и неподготвен чекор. По негова иницијатива во Софија било организирано советување на група македонски револуционери меѓу кои биле: Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Пере Тошев, Михаил Герџиков и други македонски револуционери од централистичкиот лагер на TМОРО. Се разгледувал предлогот за подигање на востанието, кое пред се било заговарано од врховистичкиот лагер на TМОРО (грешката на ТМОРО е да ги вклучи припадниците на ”бугарското тајно револуционерно братство” во своите редови од кoи произлегува и Иван Гарванов), а најмногу од представниците на Организацијата во Костурско.
На 19 јануари 1903 година, Гоце Делчев со четатa тргнува за Македонија; со него е и Јаворов. Истиот ден пристигаат во Самоков. На 19 март Гоце Делчев со својата чета го минира мостот на р. Ангиста; во воздух бил дигнат и тунелот на железничката пруга. На 19-20 април истата година Гоце Делчев пристигнува во Солун, а сместен е во просториите на Солунската бугарска машка гимназија. Тој има неколку среќавања со Даме Груев и со него го разгледува прашањето за подигање на востанието.
Гоце го напушта Солун и излегува низ вардарската капија и со воз се префрла во правец на Сер.
Вечерта на 2 мај Гоце Делчев пристига во с. Баница, на мала оддалеченост од Сере. За престојот на Гоце Делчев во Баница известена е турската управа за движењето на Гоце и неговата чета .
Гоце бил предаден уште во Cолун кога бил во бугарската гимназија од страна на ”бугарското тајно револуционерно братство” и Иван Гарванов, кое сега делувало во редовите на ТМОРО.
Во зорите на 4 мај 1903 год. Гоце Делчев и неговата придружба се известени од јатаците дека се опсадени од турската војска (аскер). Гоце наредува да излезат од куќата каде биле сместени и да се повлечат за да го спасат селото од зулум. Во текот на денот, на 4 мај 1903 во борбите при излегување од село Баница, Гоце Делчев бил погоден во левата града, паднал врз пушката, се обидел да се крене и паднал мртов.
Гоцевата саможртва за делото на ослободувањето на народот во Македонија и Одринско и создавање на независна или автономна македонска држава му донесе признание и почит. Неговото име стана легенда, вткаена во свеста на македонските народни маси. Неговото име ги возбудуваше македонските поколенија, со тоа име македонските прогресивни сили ја водеа во сосема нова општествено-политичка ситуација борбата на македонскиот народ за национално и социјално ослободување.
До 1923 година, ковчежето со коските се чува во домот на Михаил Чаков, а на него пишувало „Ги заколнуваме поколенијата што доаѓаат светите коски да бидат погребени во главниот град на независна Македонија. Август 1923, Илинден“. Заветот е исполнет и на 11 октомври 1946 година се пренесени во Скопје, во црквата Свети Спас.