Имам куче, доберман. Анѓелина се вика, ја крстив по Анџелина Џоли, зошто е најубавата кучка во моето маало и секоја улично куче сака да и се качи, па затоа ја изнесувам на прошетка претежно ноќно време, кога сите спијат. Неодамна, конкретно пред околу месец дена, ја изнесов подоцна од вообичаеното. Запалив цигарче да утепам досада додека малата се разгибава во дворот засеен со ќеси од ѓубре. Малограѓанштина во сред центарот на градот, тоа е. Додека ги дотепував последните димови од канцерогеното стапче забележав трепкачки светла од позади грб, а веднаш потоа мало довикување: „ Дечкооо.. “ Девојка заглавила кај мене на паркинг, не и пали автомобилот зошто ги оставила светлата запалени, па скоро празен и бил акумулаторот. Класика,женска работа. Приближувајки се ми дофрла:„ Да не имаш запалка!?“ Без да изустам збор ја извадив запалката и кога и се приближив и запалив. Како што го удрив каменчето од запалката ми се појави неверојатно прекрасен лик на црвенокоса девојка со недефинирани очи т.е не знаеш дали се сини или се зелени, а и плус имаше ситни пеги на образите…
Девојката: Абе убав ако ми помогнеш некако да ја запалам колата, ќе ти бидам ептен благодарна…Ќе можеш?
Јас: „Не знам од кај знаеш како се викам, ама не можам да ти помогнам зошто гурам точак, така да не би ти ја гурал ни колата!“ – се насмеав „под брк“.
Девојката: „ Баш си духовит“.. во меѓувреме се улетува Анѓелина да ме одбрани (многу е посесивна ) и скока на девојката и почнува да и се трие од нога. Девојката почна хистерично да се смее и да ја гали Анѓелина. „Баш сте слатки и ти и кучево твое.. Патем познат си ми од некаде… – ми вели таа.
„ Не знам, можеби. Тоа е веројатно зошто си ме гледала на ТВ, пејач сум. Само претпоставувам.“ – пак мртов ладен јас и возвраќам.
Девојката: Хахахах.. Баш си симпатично вицкаст..како и да се викаш.. „Гајтан ме викаат“-ја прекинувам.. Таа повторно се смее: „ Хахаха Гајтан, мило ми е Софија. Сакам да те видам во четврток во клубот „Таму и Таму“ ќе пуштам музика, па намини ако сакаш.“ Девојката си влезе во таксито кое дојде во меѓувреме од нашата конверзација, ми мафна и ја снема низ Скопските улици…
Па да признаам ме утепа љубопитноста одкако ја запознав девојкава, па си реков ајде ќе одам да видам која е, што е, и што сака.. Лажам девојката беше огин, а откако си отиде ме полеа со бензин па ме остави на милост и немилост. Ама не се давам така лесно, ми го знаат луѓето стилот, мртов ладен и не е*ам жива сила, да ми простите на речникот. Го грабнав другар ми Сапун му ветив дека го носам во „рибник“ и се пуштивме до клубот.. Таму прилично загушено осветлување, елоквентна раја која продава снобизам и „прогресивен хаус бе баче“. Се видов со Софија од далеку, и ми даде знак да почекам, а мене почна да ме шамара блага нервоза па се пуштив на еликсирот на среќата наречен курвазие. Сапун е невиден женкар и „ме продаде“ за првата женска која му улета, и тоа секогаш го прави, ама не му се љутам – таков е човекот…
Софија ми пријде и веднаш дрско ме залапа. Јако ми дојде, признавам. Да си ја одбранам машката чест малку се повлеков и и реков: „Мала што мислиш ти од прво залапување ќе ти дадам!?“ Повторно почна хистерично да се смее и продолживме со џускање до сабајле. Магијата со девојката траеше и траеше.. Се гледавме скоро секој ден, и секој ден ни беше исполнет со зезанции и опуштени муабети. Ми го покажа светот: ме м’кнеше на разни места во градот за кој не ни знаев дека постојат! Како на пример опера. Еј опера!? Па на крај на памет немаше да ми текне во својот живот да отидам на опера, али ете! Една вечер после 3-тата недела од нашето дружење и забавување ми рече: „Гајтан и покрај тоа ние што се дружиме, и покрај тоа што се „плескаме“, сакам нашиот однос засекогаш да остане стрикно другарски, така да немој никогаш од мене да бараш возвратни емоции! Љубовта може само да не раздели.. На ова испуштив некој чуден крик како демек ми е сеедно. Ама не ми беше. Не дека чувствував за неа нешто, туку ми удрија овие зборови на психа. Секој следен ден со нејзе ми беше делумно празен од самата помисла за тој муабет. Не можев да и најдам „НЗС“ (најмал заеднички содржател) на тие зборови. Таа го примети тоа и не ми се јавуваше повеќе, а пак ниту јас. Поминаа две недели и повторно јас во клубот „Таму и Таму“ и пак чисто од љубопитност! Лажам, таа беше перфектна девојка за мене, затоа и отидов! Во клубот не можев да ја видам, беше друг тип во дисџокејската кабина. Тотално изгубен и од пијачката и од атмосферата нервозно ја спуштам празната чашка на шанкот, спремен да си заминам, но случајно го насочив погледот кон ВИП сепарето а таму што да видам- Софија разменува нежности и бакнежи со друга девојка! Софија била лезбејка. Се почувствував толку глупаво и изиграно од една страна, а доста валкано од друга! Како целиот мој сон да е комплетиран, и да е тука на четири и пол метри пред мене. Инспириран од дуплото курвазие, тргнав да го зграпчам сонот, се приближив до сепарето и во мој стил: „Има ли место девојки?“ Софија како и секогаш, се насмеа, а лицето ја издаде дека е пресреќна што ме гледа, и полека ја дигна нејзината бледокожа рака, и ми ја подаде… „Градот убав пак ќе никне, среде песни здружен пак..“ така почна да ми пишти аларомот од телефонот и се разбудив полузапотен и со насмевка од 6-ка до 6-ка. Е тоа е Класика муабет! J