Куманово се наоѓа на североисточниот дел на Република Македонија, на надморска височина од 340 метри, распространето од двете страни на реките Липковка и Кумановка.
Според легендата името на населбата потекнува од името на воинственото племе Кумани кои во 1094 год. навлегле во овој крај и извесно време се задржале на територијата на денешна Кумановска општина и пошироко.Други претпоставки за името не постојат.
Врз климатските одлики, односно различните вредности на метеоролошките елементи во Куманово, влијание имаат неколку фактори. Според географската ширина и близина на поголемите водени површини, се смета дека во Македонија се чуствуваат топли влијанија. Но, Куманово се наоѓа во северниот дел на Македонија, така што тие влијанија помалку се чуствуваат.
Ѕебрњак
На брдото Ѕебрњак, каде се одигра еден од најжестоките судири во Првата балканска војна, подигната е Спомен-костурница во која се сместени коските на загинатите српски војници. Костурницата според проектот на архитектот Момир П. Горуновиќ, е откриена во 1937 година. Денес постои само долниот дел широка тркалезна костурница, додека горниот пирамидест дел е урнат во 1942 година од бугарски фашисти.
Во непосредна близина на Куманово се и манастирот „Св. Ѓорѓи“ во село Старо Нагоричане.
Црквата „Св. Ѓорѓи“ во кумановското село Старо Нагоричане се смета дека е едно од најзначајните и највисоките места во историјата на средновековната византиска уметност во Македонија. Црквата датира од 11-от век и се смета дека била во форма на базилика за која не постојат пишани документи и записи од што е срушена. Како прв градител на црквата се спомнува името на Роман IV Диоген кој што бил византиски цар а значајно е да се напомене дека истата била и фрескоживописана но по нејзиното рушење зачуван е само еден дел.
Сите оние кои што немале можност да го погледнат овој стар храм, пропуштиле да видат богата и неповторлива галерија од фрески кои се ремек дело на византискиот класицизам во 14-от век од палеологовската епоха и воопшто од средновековната уметност во Македонија, Балканот и во светот.
Кокино
Кокино е мегалитска опсерваторија која се наоѓа во атарот на општината Старо Нагоричане, И според НАСА спаѓа во првите четири опсерватории во светот.
Опсерваторијата случајно е откриена во 2001 год.од страна на бугарски и македонски археолози, а во 2002 год. се започнати истражувањата од страна на Народниот музеј во Куманово,. Таа е датирана во 1800 год. п.н.е., односно раното бронзено време. Мегалитската опсерваторија се наоѓа на неовулкански рид. Карпите се создадени со стврднувањето на лавата, која истекла од вулкански кратер. Времето и ерозијата направиле процепи и дел од тие процепи биле главните маркери низ кои се следеле циклусите на Сонцето и Месечината и се мерело времето.
Камените маркери во минатото ги означувале местата за изгревање на Сонцето и Месечината во периодите на кусодневица, рамнодневица и долгодневица, како и нивните отклони. Сонцето, всушност, само на рамнодневиците – на 21 март и на 21 септември – изгрева точно на Исток и заоѓа точно на Запад. Потоа постепено има отклонување до 45 степени. Местата на изгревање кои се опфаќаат со природните маркери на мегалитните стени во Кокино укажуваат дека изгревањата на исто место на Сонцето се повторуваат на 18,6 години. Веројатно некои членови на племенската заедница имале задача секојдневно да ги следат движењата на небесните тела и да прават календари за одредување на деновите за ритуалните обреди, како и за започнување на сезонските работи во земјоделството и сточарството. Опсерваторијата е сместена на две скалести платформи од кои се следеле планетите. На горната платформа се пронајдени траги од неколку објекти и делови на керамика.
Поглед на Кокино
Според наодите на археолозите, на локалитетот Кокино, всушност, немало живеалишта туку дека опсерваторијата воедно била и светилиште, а во процепите на стените се ставале предмети наменети за нивните божества. На локалитетот има и еден вид престол, каде што, најверојатно, седеле старешините и водачите на племето. Мегалитната опсерваторија во Кокино се вбројува меѓу највредните стари опсерватории во светот. Заради тоа, во 2005 год. американската вселенска агенција НАСА во листата од 15 вакви опсерватории во светот го рангираше Кокино на четвртото место. Првите четири опсерватории според НАСА се:
- Абу Симбел – Египет
- Стоунхенџ – Велика Британија
- Ангкор Ват – Камбоџа
- Кокино – Република Македонија