Одиш во ресторан, услугата е лоша, викаш полиција! Ова е логиката по која се водел Кристијан Лукет, кој дури 10 пати се јавил во полиција за да се пожали на лошата услуга во ресторанот Skyline Chili во Синсинати, Охајо.
20 годишниот Лукет бил многу пијан, па вработените во ресторанот повикале полиција кога тој не сакал да ја плати својата сметка. Откако бил пуштен, Лукет заминал дома од каде дури 10 пати се јавил во полиција за да се жали на ресторанот, за подоцна повторно да биде уапсен заради лажно вознемирување на полицијата. Не е познато што точно го изнервирало Лукет во ресторанот.
Лукет, кој откако бил приведен се изјаснил како невин, ќе излезе пред судија на 12 јули каде треба да му биде изречена казна за лажно вознемирување на полицијата.
Ова не е прв ваков бизарен случај во САД. Претходно еден маж во Конетикат повикал полиција бидејќи добил поинаков сендвич од неговата нарачка, додека една жена од Флорида повикала полиција затоа што не била задоволна од маникирот.