Спомен-куќата за легендарниот пејач Тоше проески се наоѓа на местото Гумење во Крушево. Таа се простира на околу 870 метри квадратни во форма на крст, изградена од бетон и стакло според проектот на архитектите Дејан Секуловски и Дејан Спасеновски, во соработка со Илија Божиновски, а го реализираше Министерството за култура и Владата на Република Македонија.
Во централниот дел на објектот има молитвеник и верски предмети што ги поседувал Тоше и неколку негови запишани размислувања за вербата, љубовта, семејството, пријателството. На неколку инфоточки можат да се добијат информации за Тоше.
По должината е изграден ѕид на кој ќе може да се оставаат пораки и впечатоци. Визурата на објектот – крстот како симбол и главен мотив – ноќе е посебно нагласена со осветлувањето. Објектот има и кафетерија, сувенирница со реплики од предметите на Тоше, висински платформи со панорамски поглед на Крушево, хортикултурно уреден простор околу, парк со цреша и амфитеатар за собири и одмор на посетителите.
Музејската поставка на Спомен куќата на Тоше Проески обезбедува еден хронолошки приказ на неговото детство, на тинејџерските години, на периодот кога Тоше го достигна врвот во својата уметничка кариера и истата е збогатена со 350 автентични експонати кои се сопственост на семејството Проески. Од другите предвидени содржини на поставката особено интересна е презентацијата на неговото студио во кое музицираше и компонираше и на дневната соба на Тоше од неговиот дом во Злокуќани.Неизоставен сегмент се и двете восочни фигури на Тоше во природна големина. Едната е во стоечка позиција – Тоше, со микрофон во рацете, во неговиот препознатлив став при пеењето, а другата е во неговото музичко студио – седнат на клавирот сам со своите мисли компонирајќи музика. Целиот објект е опремен со најсовремена техника и е илустриран со музиката на Тоше, заедно со предвидените визуелни ефекти преку ЛЦД-екрани на кои постојано ќе се емитуваат концертите и спотовите на нашата музичка легенда.
Спомен куќата нуди повеќе висински платформи од кои се протега навистина убава панорама на градот Крушево и Македониумот како и сувенирница неопходна за ваков тип објекти, во која ќе се продаваат реплики од предметите на Тоше. Еден од најефектните детали на Спомен-куќата е и илуминацијата со која ќе се нагласи визурата на објектот. Во вечерните часови целосно ќе може да се види и крстот како главен мотив на објектот и симбол на Тоше како голем верник. Пејсажната архитектура на објектот е разубавена и со зелена градина и хортикултурно уредување на просторот.
Околината со амфитеатарот на објектот е наменета за одржување собири, но и за одмор и релаксација на посетителите. Во овој парк посебно место има едно црешово дрво, кое е симбол на искреноста која Тоше постојано ја бараше во луѓето.