На петгодишнината од последниот концерт на легендата Тоше Проески, денеска на плоштад “Македонија“ во Скопје ќе блесне ѕвездено небо во негова чест.
Интернационалниот Тоше Проески фан-клуб форум за вечерва го најавува настанот “Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше“ што ќе започне во 19:30 часот на плоштадот во Скопје со емитување на видео спотови на Тоше, а од 20 до 22:30 часот ќе бидат емитувани концертни настапи на прерано загинатиот пејач.
Како што најавува фан клубот на својата страна на “Фесјбук“, за време на настанот ќе биде прикажан видео запис на Тоше кој до сега не е емитуван за јавноста, а според најавите крајот ќе биде проследен со голем огномет.
Традиционално ќе се одржи и крводарителска акција организирана од Интернационалниот Тоше Проески фан-клуб форум и Црвениот Крст на град Скопје, поддржана од Меѓународната фондација “Тоше Проески“.
Под мотото “Јас штотуку спасив живот, а Вие?“ , во просториите на фондацијата “Никола Кљусев“ (веднаш до Дом на АРМ), во петок од 10 до 18 часот сите оние кои сакаат ќе може да го продолжат патот на хуманоста.