Бугарските археолози тврдат дека го пронашле најстариот праисториски град во Европа.
Остатоците од градот биле најдени во близина на градот Провадија, недалеку од Варна, а археолозите сметаат дека бил важен центар за производство на сол.
Археолозите веруваат дека новооткриениот град настанал во периодот меѓу 4700 и 4200 година пред новата ера и дека во него живееле околу 350 луѓе.
Ако нивните тврдења се точни, тоа значи дека градот настанал околу 1500 години пред старогрчката цивилизација.
Ископувањата на ова место започнале во 2005 година, а до сега, меѓу другото, биле најдени остатоци од двокатни куќи, неколку јами користени во ритуални цели, како и делови од капии и бастиони.
Претходно оваа година била пронајдена и мала некропола, која археолозите се’ уште ја истражуваат.