Дубаи ќе вложи милијарда долари во проект изградба на копија на величествениот Таџ Махал, кој се наоѓа во Агра во индиската сојузна држава Утар Прадеш.
Арапската варијанта ќе биде цел комплекс, наречен „Таџ Арабија“, многу поголем од оригиналниот мавзолеј во градот Агра, изграден од императорот Шах Џахан за неговата сакана жена.
Ќе вклучува хотелски дел со над 300 простории, трговски центар со стотици продавници, а целиот комплекс наречен „Новиот град на љубовта” ќе биде завршен до 2014 година.
Во Новиот град на љубовта ќе има и копии од Ајфеловата кула, пирамиди но и реплика од Кинескиот ѕид.
„Таџ Махал во Дубаи ќе претставува симбол на љубовта, а ќе има и многу други содржини кои ја величаат убавината на животот, љубовта и романтиката“, вели идејниот творец на проектот Арун Мехра.
Така, Новиот град на љубовта ќе стане нова дестинација за заљубените парови кои сакаат да уживаат во романтиката или да се венчаат таму.
Инаку, Таџ Махал, кој се наоѓа во северниот индиски град Агра, е вклучен во списокот на УНЕСКО за светско културно наследство. Изграден е пред повеќе од 350 години од императорот Шах Џахан како храм за неговата сопруга Мумтаз. Над 20 илјади работници работеле 17 години за да го изградат. Според легендата, по завршување на изградбата на Таџ Махал, мајсторите биле ослепувани или убивани, за да не можат никогаш повторно да создадат таква убавина.
http://www.youtube.com/watch?v=jzm160mefH4&feature=player_embedded