Зголемениот број повреди и инфекции на гениталната зона поради растечкиот тренд на депилирање минатата година го потврдија и научници од Универзитетот во Калифорнија. Тие откриле дека поради бразилската депилација се дуплирал бројот на пациенти кои се појавиле во болница поради повреда на гениталиите.
Микро траумите на кожата предизвикани од бричење, депилирањето со восок или машинка го зголемуваат ризикот од особено заразна инфекција на кожата наречена Молускум, тврдат експертите од Дерматолошката клиника во Ница.
Тие утврдиле дека е зголемен бројот на пациентите со инфекции на кожата особено на оние делови кои се депилирани, пишува во Дејли Мејл.
Таквите вирусни инфекции се почести кај луѓето со ослабен имунитет, а можат да се пренесуваат со заедничко користење на крпи, сапуни, или полов контакт.
Кај младите жени најголем ризик од зараза носи отстранувањето на срамните влакна, а знаците на инфекција најчесто се шират на абдоменот и бедрата под форма на брадавици кои можат да имаат иста боја како кожата, бели или жолти. Чест придружник на депилацијата е и фоликулитис, бактериска инфекција на кожата која настанува поради враснати влакненца и создавање гнојни цисти.
Многу е важно да знаете дали восокот во салонот каде што се депилирате е стерилен и дали после депилацијата ќе ви извршат стручна дезинфекција на депилираното место.