Сакам да ја посетам Македонија и да се сретнам со моите поддржувачи во оваа земја. За жал, згуснатиот распоред на светските турнири ме оневозможува во тоа. Но, сигурно ќе дојдам наскоро, а можно е тоа да го сториме со репрезентацијата на Србија, зошто да не?
Ова е пораката што синоќа од Шарлроа, Белгија, ја испрати најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ.
– Следам на социјалните мрежи дека имам голем број на поддржувачи од Македонија, за што неизмерно им благодарам – вели Ноле на прашањето дали знае дека е ултрапопуларен и во нашата земја.
Тој запрашан дали познава некого од активните македонски тенисери, Ноле искрено одговорил дека „За жал, во моментов не знам кои се македонски тенисери“.
– Затоа го знам и највеќе го ценам Тоше Проески. Тоа што Тоше го направи е историско. Тој е легенда, која за жал не е повеќе меѓу нас, но неговите песни траат, неговата музика масовно се слуша. Тоше е фантастичен – рече Ѓоковиќ на прес-конференцијата во Белгија.
Тој користејќи ја приликата рече дека на македонскиот народ му посакува се најдобро и се надева дека ќе се видиме, да се дружиме и да ја запееме „Зајди, зајди”.