Македонски пингвин…

popara18 март, 20131min00
1

Македонија многу одамна си доби пингвин.. но тоа беа други времиња. Тоа време во Штип, никој не помисли дека тој Чили Вили пингвин до ден денешен ќе остане единствениот јавно признат пингвин, во вакви не така топли Македонски простори.

Кога девеесетите други врсти диви животни се закануваа на овој напатен Македонски народ, не беше време за пингвини. Тогаш само друг тип животни можеа да ја преживеаат наездата од разни хиени и гладни мршојади, нештедејќи се во скромната битка за опстанок, што за жал и Кусто неуспеа да ја детектира и да ја овековечи со некој интересен документарец во серијалот Опстанок. Веројатно човекот во тој период не беше доволно фокусиран на земски животни, гњурејќи по дното и барајќи одговор на многу отворени прашања, се разбира во погрешни предели.

Кусто стариот си почина, но Македонскиот пингвин не успеа да го детектира, па се уплашив да не остане тој ендемски вид непросветлен. Си реков : ај стави го на парче хартија се додека сеуште се наоѓа по некој таков, без разлика што животното колку и да е ,,unique,, да не налета некој нов Кусто па да ми го земе редот. А редот овде за наоѓање на чудни врсти животни, поприлично е долг.. верувајте ми.

Да се вратиме на темата, т.е Македонскиот ендемски пингвин. Таков каков што ни го дал господ, симпатично позитивен, но спор, тажен и неостварен. Подолг временски период го посматрам онака детално од сите агли и аспекти, но неможам да му го фатам крајот.. никако!

Пингвин како пингвин, опстанува исклучиво во племенска заедница, иако знае дека е доволно моќен да се снајде многу подобро и без неа.

Велат пингвините се едни од најинтелегентните животни на планетата, па одтука прашањето: Зошто пингвинот неможе да се оствари себеси, целосно?! Плашлив по природа, пингвинот со генерации не успева да си го фати патот!! Тој страв веројатно е толку голем, што не случајно и крилјата што господ му ги подарил да лета, многу одамна му служат исклучиво за држење на рамнотежа. Штета нели? Кога самодовербата би си ја одиграла барем половина од работата, тогаш сигурно Македонскиот пингвин, ќе успееше да ги размрда своите крила, па лека полека со тек на времето и ќе пролеташе, без разлика која страна од светот како решение ќе си ја најдеше.

Пингвин што лета на југ?! Сигурно југ немаше да биде рута за почит, иако тагата за југ одамна постои! На север птиците не летаат дури ни во лето, иако за пингвин мразот е одлична пред се, социјална средина. Останаа само уште две страни од светот. Исток и запад! Но ниту исток ниту запад за Македонскиот пингвин не се ветени страни!

Значи добивме пингвин што веројатно и нема избор, нели?!

Не би се согласил со оваа констатација. Зошто освен тие земски алтернативи, постојат уште две, страшни решенија за паметни животни!

Високо горе према небото и ниско доле према дното!

Ако нашиот пингвин ги детектирал овие солуции, зошто досега не ги активира, без разлика на цената што сиромашкиот ќе мора да ја плати, доколку не го одбере вистинското решение?!

Страв? Несигирност? Или волја да се избори за она што со генерации пингвини пред него, како главен недостаток, го држат несигурниот, цврсто закован на земјата!?

Ако стравот од дното, доаѓа од Данте, тогаш за кој страв зборуваме кога небото е опција?! Од орелот и другите умислени кралеви на небото?! Веројатно! Но што си мисли нашиов пингвин, кога не донесува никакво решение?! А решение мора да се донесе веднаш, зошто времето и бремето веќе работат на нулта…

За орлите нетреба да се грижи, зошто животот без нив, би бил  најобична апатија. А живот без борба и не верувам и дека е некој живот, зошто за победа без борба, барем јас лично, никогаш не сум слушнал.

А убаво е да се победува.. нели?

Македонскиог пингвин има иднина, се разбира ако сфати дека крилјата си имаат друга намена!

Замислете пингвин што лета високо кон небото!  Е тој пингвин е наш: Македонски ендемски…