Александар Велики тргнал во ново освојување, но прво наминал кај својот мудар пријател Диоген.
Се поздравиле со големи чувства и емоции, бидејќи биле стари пријатели, а не се имале видено веќе подолго време.
Диоген удобно се одмарал на својот омилен кревет, додека неговиот вознемирен пријател одел горе – долу.
Диоген го почнал разговорот: „Каде ќе одиш овој пат?”
Александар одговорил: „Прво ќе одам да ја освојам Мала Азија”.
„А после тоа каде? ”- го прашал Диоген својот амбициозен пријател. Подвизите на Александар кај него секогаш побудувале голем интерес.
„После ќе одам да ја освојам Индија”- одговорил Александар.
„А после тоа што? ” – прашал мудрецот.
Александар одговорил: „Ќе го освојам целиот свет”.
Диоген замислено почнал да се смее, го подигнал неговиот поглед кон Александар и му рекол: „Еднаш, кога ќе го освоиш целиот свет, што ќе правиш тогаш?”
„Ах”, рекол Александар, „тогаш ќе можам да се опуштам и да се одморам”.
Одговорот го натерал Диоген гласно да се насмее. Се свртил кон неговиот верен сопатник, тивкото мало кученце кое се одмарало исто како него и му рекол: „Слушаш ли што рече овај чудак?”
Диоген му се доверил на неговото куче: „Ќе се одмара откако ќе го освои целиот свет. Ние веќе се одмараме а немаме освоено ништо!”
Потоа Диоген се свртел кон Александар и му рекол: „Ако одморот и опуштањето се твои крајни цели, зошто не ни се придружиш мене и на моето куче во оваа удобна соба? Има доволно место за сите тројца. Зошто мора сето тоа да го правиш кога уште сега можеш да се одмориш со нас?!”
Замислете да имате можност да го освоите целиот свет.
И тогаш што?! Што ќе правите со целиот свет? Ќе го освоите и ќе го поседувате сето она што може да се има, но што потоа? Која е смислата на поседувањето?
Сигурно ќе помине и тоа задоволство. И што ќе правите со целиот свет?
Со светот сигурно нема да можете да правите многу работи, па затоа најверојатно би тргнале во потрага по внатрешен мир.
Во таква ситуација зошто не би тргнале во потрага по внатрешниот мир веднаш, пред да почнете да барате слава, богатство и успех?
Зошто не си го поедноставите својот живот и не постигнете внатрешен мир многу побрзо, отколку да трчате по сите тие минливи работи?