Лондонската дизајнерка Ејми Рејнбоу Винтерс го изложи на традиционалниот салон за висока технологија International CES кој се одржува седмицава во Лас Вегас фустанот изработен од ткаенине којашто содржи оптички влакна. Здолништето отсјавува сина светлина, меѓутоа бојата може да се менува со допир на прстот на дисплејот вграден во ракавот.
„Доколку сакатe виолетова боја, фустанот ќе биде виолетов. Доколку ви се допаѓа црвената, имате црвен. Само ќе го погледнете раково и ќе се решите каква боја сакате”, појаснува Винтерес, пренесе AFP.
Дизајнерката соработува со технолошки експерти за да ги добие материјалите неопходни за облеката што ја креира. Некои од парчињата облека реагираат на звук, некои на сончева светлина, а некои на вода.
Нејзините креации веќе се користени во видео спотови или во реклами. Таа не изработува облека за секој ден. „Станува збор за изложбени примероци. Меѓутоа, доколку некој има неколку илјади долари заштеда, може и да ги купи”, додава Винтерс. Така, според неа, изработката на фустан со оптички влакна чини околу три илјади американски долари, но цената може да се зголеми во зависност од дизајнот./крај/мф/сн