Ова се пет апликации преку кои ќе можете да комуницирате без дополнителни трошоци, освен цената на претплатата за мобилен интернет. Прочитајте кои се петте апликации што според PC Mag се сериозна конкуренција на СМС пораките.
Сосема очекувано, прва од нив е Viber која е исклучително популарна. Компанијата што ја разви, неодамна беше продадена на јапонски гигант за речиси милијарда долар, што само покажува колку е ова моќна и вредна алатка за комуникација. Голема предност е што апликацијата е достапна за повеќе платформи, па можат да ја користат оние што имаат Android, iOS, Windows 8, Windows phone или BlackBerry.
Следната опција е Google Hangouts – наследникот на Google Talk. Станува збор за апликација која обединува неколку апликации и сервиси достапни на новите Android уреди и преку која освен со пораки, можно е да се комуницира и со видео повици во кои може да учествуваат до 12 говорници. И оваа апликација е достапна и за Android и за iOS, како и на Chrome на персоналните компјутери.
TextSecure е бесплатна апликација која користи end-to-end енкрипција за корисниците да имаат целосна приватност во разговорот. Апликацијата може да се симне од Google Play продавницата.
Можеби најголемата конкуренција или замена за СМС пораките доаѓа од апликацијата WhatsApp. Овој комуникациски сервис е многу популарен, а е достапен на повеќе платформи (Android, Windows Phone, iOS, BlackBerry),
Последна апликација во листата на PC Mag е KoolSpan TrustCall. Сепак со цената од 119 американски долари тешко дека ќе стане популарна меѓу обичните луѓе, но нејзините можности може да бидат корисни за разните компании. Станува збор за комуникациско решение за мали компании на кои им е потребна сигурна комуникација.