Поучна приказна: Среќата ја наоѓаат само оние што даваат…

popara10 април, 20141min00
3

Оваа поучна приказна ќе ви покаже дека среќата ја бараме сите ние, но на крај ќе ја најдат само луѓето со големо срце, луѓето кои знаат да даваат и да делат со оние кои немаат…среќата не е за себичните и егоистите…

Некој човек на неговиот помал брат за Божиќ му подарил автомобил.
Помалиот брат Пол бил многу среќен и со неговиот нов автомобил отишол на работа. Кога му завршило работното време отишол на паркингот за да си замине дома, но таму забележал некое мало детенце кое љубопитно ги разгледувало сите автомобили. Кога Пол се приближил до неговиот нов автомобил, детенцето се приближило до него и го прашало дали е тоа негов автомобил.
Пол кимнал со главата и му објаснил на детето дека автомобилот го добил од неговиот постар брат како подарок за Божиќ.

Детето било збунето и уште еднаш го препрашало Пол: „Сакате да кажете дека вашиот брат ви го подари овој прекрасен автомобил, а вие за тоа не плативте ниту цент? Знаете, јас сакам …” – почнало да пелтечи детето.

Пол бил сигурен дека знае што сака детето. Си помислил дека и тоа сака да има таков брат како што има и тој, но она што детето следно го кажало, го оставило Пол запрепастен и без зборови.

„Би сакал” – продолжило детето „да можам и јас да бидам како твојот брат”.

Пол изненаден погледнал во детето и спонтано го прашал: „Бидејќи е Бадник, дали би сакал да те повозам малку со мојот автомобил?”

„Како не би сакал” – одговорило детето.

После кратко возење, детето со натажени очиња го погледнало Пол и со мил, нежен и тажен глас го замолило: „Господине, дали ќе бидете добар да ме однесете до мојата куќа?”

Пол се насмевнал. Мислел дека знае што сака детето. Си помислил дека сака на неговите соседи да им покаже дека и тој некогаш може да се врати дома со голем автомобил. Меѓутоа Пол повторно погрешил во неговите мисли.

„Ве молам да застанете пред оние две скали” – рекло детето.

Веднаш излегло од автомобилот, влегло во неговата куќа и за многу кратко време се појавило на скалите, но не било само, било заедно со неговото помало братче кое било многу болно. Со голема радост му го покажало големиот автомобил на Пол.

„Гледаш мој брату, баш како што ти кажував. Неговиот брат му го купил автомобилот за Божиќ без тој да плати цент. Еден ден и јас тебе ќе ти подарам баш ваков автомобил … и со него ќе можеш да ги видиш сите убави работи кои за Божиќ се ставаат по излозите на продавниците, кои се обидував да ти ги опишам.”

Пол излегол од автомобилот, го зел и го седнал малото болно детенце на предното седиште, а постариот брат со радосни и светкави очиња седнал веднаш до него.
Така сите тројца заедно имале незаборавно возење низ градот, во ладната Бадникова вечер.

Таа Бадникова вечер Пол ги разбрал зборовите на Исус кога велел: „Среќен е оној кој дава …”

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

escort - Korsan taksi - anlaşmalı boşanma