
Надојдениот квасец се додава на другите состојки и убаво се меси меко тесто кое потоа се дели на 2 дела (за помали кифлички може да го поделите на 3 дела). Секој дел се дели на 10 топчиња. Секое топче се сучи во кора, се мачка со маргарин и така намачканите кори се редат една врз друга. Добиваме 10 кори наредени една врз друга, а најгорната кора не ја мачкаме. Додека ги подготвувате топчињата од другите 2 дела, оние 10 кои веќе се намачкани и наредени може да ги ставите во фрижидер. На овој начин добивате 2 или 3 дела наредени кори, во зависност од тоа на колку дела го поделивте тестото на почеток. Од секој од овие делови се сучи голема кора, се сечи на 4 дела, секоја од четвртините уште на 5 дела, ставаме фил и ги виткаме путерките. Убави се и со мармалад и со еурокрем, направете ги по ваш вкус. Путерките се мачкаат со жолчка, врз секоја кифла се става мало парче маргарин и се оставаат малку да надојдат. Се печат на 220° Ц околу 15 минути или додека заруменат. Откако ќе се изладат, се посипуваат со шеќер во прав. Тестото е прилично неутрално, сосема малку наблажува, па слободно може дел од путерките да направите и со сирење, само одозгора ставете им сусам или ким, за да ги разликувате. Солените печете ги одделно, мармаладот при печењето може да истече, па да се измешаат вкусовите. Путерките се меки, вкусни, вистински кроасани. Одличен начин да ви започне денот – топли путерки и шолја млеко за доручек:) 