Имено, термалните бањи Széchenyi се најголемите медицински бањи и едни од најголемите јавни бањи во Европа, сместени во северниот дел од Градскиот парк во Будимпешта.
Водата, со потекло од два термални извори, изобилува со минерали како што е сулфатот, калциумот, магнезиумот и значителна количина на флуор, материи кои што се смета дека имаат терапевтски ефект врз луѓето и ги ослободуваат од најразличните ортопедски болести и воспаленија.
Со оглед на тоа што водата е топла во текот на целата година, ова место претставува одлична дестинација за релаксација и уживање, особено во текот на зимата. Така, бањите Széchenyi се омилено место и за тамошните жители, но и за бројните туристи кои ја посетуваат прекрасната Будимпешта.
Првата термална бања на ова место била изградена во 1881 година и истата претставувала само мал базен во кој што можеле да се капат не многу голем број на луѓе.
Но, за сосема кратко време оваа бања станала толку популарна, што градскиот совет одлучил да изгради нова, поголема и поубава бања во која што луѓето ќе можат да уживаат во капењето, лекувањето и релаксацијата.
Така, термалната бања Széchenyi, уредена со ентериер од нео-барокот, била изградена во 1912 година, а во 1913 година целиот објект доживеал ново проширување, со нов 50 метри долг базен. Во средината на шеесеттите, бањите доживеале ново реновирање, вклучувајќи го и базенот наменет за групна термална терапија, како и отворањето на дневна болница за физиотерапија.
Денес во склопот на Széchenyi бањите се сместени 18 различни базени со различна температура на водата, вклучувајќи го и големиот базен на отворено. Во рамките на комплексот се сместени и просториите за масажа, џакузи и сауна, а во топлиот период од годината, посетителите можат да се сончаат топлес на самиот покрив од овој необичен објект.
Покрај тоа што претставува место каде што посетителите може да го пронајдат соодветниот третман за своите болести, во вечерните часови, ова место се претвора во вистинска оаза на забавата, па така, не ретко, во бањите се организираат најразлични забави, дури и во зимскиот период, па младите во костими за капење доаѓаат да уживаат во необичното дружење.