Првиот впечаток, првото чувство, првата помисла се особено важни во секоја ситуација. Колку и да не верувате доволно или се сомневате дека нешто само ви се причинува, така е како што ви изгледа.
Понекогаш не сакате да си признаете дека може да е вистина она што го мислите или чувствувате.
Некои го сметаат за шесто сетило, некои за интуиција, некои за залажување, страв или утеха, но тоа е она што го гледате.
Како што се чувствувате – такви сте. Ако ви прелетува некоја мисла за некоја личност или ситуација – не е случајност.
Ако ти се допаѓа – заљубен/а си без разлика кој или што е.
Ако тебе ти е добар/а и за другите е.
Ако сакаш нешто да освоиш, го освојуваш.
Ако ти е страв, трепериш.
Ако те нервира некој полудуваш. Но, исто и ако ти е многу убаво со него/неа – полудуваш.
Ако мислиш дека нема да најдеш веќе таков/а – нема.
Ако се надеваш на подобро – ќе дојде.
Ако се надеваш на вистинскиот/та – ќе те стигне, колку и да трчаш брзо.
Ако мислиш дека сега е моментот – ќе се случи.
Ако се сомневаш дали е искрено – некој те лаже.
Ако гледаш низ малиот отвор сè ќе ти изгледа ситно, мало и далеку. Ако ја отвориш вратата, ќе влезе она што треба, а ќе излезе сè друго.
Ако ја треснеш вратата, ќе останеш сам/а.
Ако веруваш во успех – ќе успееш.
Ако се сомневаш – ќе пропаднеш.
Ако се плашиш – ќе те изедат, ако глумиш храброст – ќе те сомелат.
Ако си храбар/а – ќе победиш.
Ако е вистинско, ќе се најде и начин и време.
Ако е лошо – препознај го, оцени го, пушти го, предај се, бегај.
Ако очекуваш – ќе се разочараш.
Ако станеш можеби ќе паднеш, а можеби и не.
Ако седнеш нема да паднеш, но потешко ќе станеш.
Ако ти се спие, легни. Ако ти се сонува, фантазирај.
Ако ти се сака, прво земи го огледалото и почни.
Ако нешто сакаш – не го пуштај.
Ако играш – заврти се.
Ако сакаш промена – направи ја.
Ако мислиш на болката – ќе те боли посилно.
Ако сакаш некого – простувај.
Ако не сакаш некого – пушти го/ја. Ако некој не те сака – исто.
Ако не ти се допаѓа нешто – издржи. И ако ти се допаѓа – издржи. Еден ден сето тоа ќе стане вчера.
Сè поминува, па и ние.
Ако ти се чини дека не можеш – нема да успееш.
Ако мислиш дека можеш – можеш и мораш.
Имаш одговорност кон себе. Имаш обврска. Имаш шанса. Имаш моќ.