Анџелина Џоли со своето семејство позираше пред објективот на легендарната Ени Либовиц за ноемвриското издание на „Вог“.
40-годишната актерка се забавуваше на плажа со шесте деца – Медокс, Захара, Шајло, Пакс, Нокс и Вивиен. На една од фотографиите е и нејзиниот сопруг Бред Пит.
За семејниот едиторијал, Џоли носеше креации на модни куќи како Келвин Клајн, Сен Лоран Ботега Венета, Оскар де ла Рента, Дона Каран и Ланвин.
Во интервјуто за модната библија, Анџелина зборуваше отворено за операциите за отстранување на јајниците и двете дојки поради високиот ризик од рак, како и за менопаузата.
Пред две години, Џоли откри дека го носи мутираниот ген BRCA1, кој значително го зголемува ризикот од развој на рак на гради и рак на јајниците. Оттогаш таа си направи двојна мастектомија и операција за отстранување на јајниците и јајцеводите.
„Тешко е. Тоа не се лесни операции“ – рекла таа и дополнила дека менопаузата и промените во хормоните воопшто не се едноставен процес.
„Се чувствувам приземна како жена. Знам дека и другите се чувствуваат така. Двете жени во моето семејство, мајка ми и баба ми, започнаа да умираат во 40-тите години од животот. Јас имам 40 години. Едвај чекам да наполнам 50 и да знам дека сум успеала“ – изјавила таа.
Премиерата за новиот филм на Анџелина и Бред „By The Sea“ е закажана за следниот месец.