Многу жени но и мажи ќе се пожалат дека нивната партнерка има бел исцедок кој непријатно мириса особено во тек на предиграта или сексуалниот однос. Белото прање покрај тоа што укажува на гинеколошки проблем, предизвикува и срам кај жената, бидејќи повеќето мажи не сфаќаат дека се работи за здравствен проблем притоа мислејќи дека жената води слаба грижа за своето здравје. Но белото прање е симптом предизвикан од многу фактори.
Психолошко бело прање
Ова е бело прање предизвикано од стрес и голема психолошка напнатост. Поради стресот доаѓа до хиперсекреција на жлездите во вагината па притоа доаѓа до исцедок кој личи на плунка. Доколку патите од ваков тип на бело прање, тогаш ова е безопасен симптом, но може да накалеми бактериска инфекција затоа е потребен преглед.
Една третина од жените со бело прање имаат Trichomonas vaginalis
Trichomonas vaginalis е бактерија која е присутна кај секоја трета жена со бело прање. Таа често останува не активна, но откако ќе стане активна ќе ја промени бојата на секретот во зелено-жолтеникава и во ваков случај се јавува интензивно непријатен мирис и печење во пределот на вагината. Инфекцијата е сериозна и бара третман со антибиотици.
Дури 70% од мажите чии девојки имаат Trichomonas vaginalis ја пренесуваат оваа бактерија без кај нив да се манифестира, што ја прави оваа бактерија многу лесно пренослива. Оваа бактерија главно се пренесува преку секс иако е можно да се пренесе и со нечисти раце, крпи и друг сличен прибор кој доаѓа во контакт со интимната регија на жената.
Лечењето е интензивно и важно
Лечењето особено на Trichomonas vaginalis кој е главна компликација при белото прање е важно и се спроведува со вагиналитети и системски антибиотици, бидејќи ако се употребуваат само вагиналитети вагината ќе се исчисти но Trichomonas vaginalis кој се наоѓа во уринарниот тракт преку уринарење повторно ќе се спушти во вагината. Особено е важно паралелно со жената да се лекува и мажот бидејќи доколку не се стори тоа, тој пак ќе ја пренесе бактеријата на својата партнерка. Важно е да се напомене дека мажите често даваат отпор на ова лекување образложувајќи дека немаат никакви симптоми, но, лекување мора да има макар и тоа да биде профилактичко.
Trichomonas vaginalis може да предизвика компликации и кај мажите предизвикувајќи воспаленија на главата на пенисот и на уринарните патишта.