Чудовиште од Русија: Viking 29031

popara9 април, 20151min00
Чудовиште директно од Русија: Viking 29031
Покрај бројните воени монструми, Русите имаат и сè побогата цивилна понуда, а еден од нив е и Viking 29031 кој може дури и да плови.

Неодамна ви претставивме еден руски монструм во облик на Lada Niva, но со шест тркала, кој е еден вид на алтернатива за Mercedes G63 AMG 6×6. Секако, пред сè ако зборуваме за теренските способности и подробности, а не и за моќноста, опремата или имиџот.


Но, Русите во својата понуда имаат уште едно импресивно возило, Viking 29031, кое го произведува фабриката под името Aton Impulse, базирана во републиката Татарстан.

Веќе на прв поглед, јасно е дека се работи за робустно теренско возило, со маса од околу два тона, способност за превоз до 7 лица или околу 850 килограми терет, опремено со огромни пневматици со низок притисок со чија помош совладувањето на теренот кој е прекриен со снег е значајно полесно.


Покрај тоа, пневматиците имаат и систем за контрола на притисокот, па возможно е и да ги издишите ако се укаже потреба за поголема контактна површина. Истовремено, можно е да се менува и клиренсот (растојанието од возилото до тлото), и тоа од минимални 300, па дури до 600 милиметра, што е доволно за премин и преку најсложените терени.

 

Но, тоа не е сè, бидејќи Viking 29031 е истовремено и амфибијско возило, што значи дека е способно да совладува и водени препреки, односно да плови благодарение на таканаречениот water-jet погон, кој во вода обезбедува брзина и до 12 километра на час.

Моментално на купувачите им се нуди една од две погонски единици, кои во суштина и не се толку импресивни колку што е самото возило. Едниот е 2.2-литарски руски ZMZ 51432-10TD1 турбодизел мотор кој ослободува 110 КС и 270 Nm вртлив момент, а го користи и познатиот UAZ Patriot.

 

Вториот мотор е со потекло од Ford (го развил Peugeot). Се работи за DW10 агрегатот (TDCi/HDi) од 2.0-литра кој ослободува од 136 до 163 КС и од 320 до 340 Nm, зависно од верзијата за која ќе се одлучите, а на пошироката публика и е познат по целиот спектар од моделите на Ford, Peugeot па дури и кај некои од моделите на Volvo.

Оттука можеби и не чуди што многу ќе го препознаат воланот на Viking од некој од автомобилите на Ford, а може да бидат препознаени и инструментите, па дури и рачката на менувачот. Инаку, возачот седи централно, како и кај McLaren F1, додека зад него се наоѓаат патниците, односно теретот.

И двата агрегати сериски се испорачуваат со шестстепена мануелна трансмисија на Ford, MMT6 (се нуди и автоматскиот менувач на Ford, AWF21), а возилото овозможува максимална брзина (лимитирана поради огромните пневматици) од сè на сè 80 километра на час.


Веројатно се прашувате колкава е потрошувачката на еден ваков монструм? Според фабричките спецификации, околу 15 литра на отворено, односно 20 литра при off-road возење. Но, постои и една предност, а тоа е токму огромниот резервоар за гориво, што значи дека Viking 29031, со полн резервоар, има автономија од над 1.000 километра, што е од огромна важност во земја каква што е Русија.

 

Официјални податоци врзани за цената на Viking 29031 сè уште нема, но се претпоставува дека со оглед на тоа дека голем дел од компонентите се позајмени од веќе познати патнички модели, би била пониска за разлика од конкурентните модели (ако воопшто постојат такви) во кои многумина го сместуваат токму моделот Land Rover Defender.