Саша е убава и симпатична девојка која денес има 23 години. Пораснала во Нови Сад и дипломирала графички дизајн со просек 9.5 како еден од најдобрите три студенти во генерацијата.
Таа конкурирала и на безброј огласи за работа, и додека за другите во Србија е исклучително тешко да најдат работа според струката, кај неа тоа прераснува во нешто невозможно.
Единствена причина е тоа што Саша е родена како маж.
– Јасно се сеќавам, имав околу четири години кога со мојата мајка се шетав по улица и здогледав излог со женски накит. Се воодушевив и барав нешто да ми купи. Нејзината отсечна негативна реакција веќе како дете ми покажа дека постои некаков проблем, бидејќи јас сум девојка, а тоа никој околу мене не го гледа и не го признава, па дури и ниту моето тело – вели оваа дизајнерка.
Нејзината мајка сепак на крајот ја прифатила, но нејзиниот татко никогаш не би го сторил тоа.
– Тој не можеше да се соочи со фактот со тоа што сум поинаква, и физички беше насилен кон мене, но тоа што го преживеав јас беше мотивација да бидам подобар студент, вели оваа девојка која што главно работи на проекти преку интернет.
Кога ќе дојде на разговор за работа, не ја одбиваат поради она што го пишува во нејзиното резиме, туку поради тоа што го пишува во нејзината лична карта.
– Се случувало да бидат и крајно директни па многу пати ми беше дури и кажано дека не сакаат да ме вработат за нивната репутација да не биде доведена под знак прашалник доколку вработат транс личност, а се случувало и да ми се смеат и да ме навредуваат. Некогаш велат дека не се заинтересирани, што би било сосема во ред, кога би го имале истиот тој став и пред да ја погледнат мојата лична карта на која што се гледа машко име – вели Саша.
И покрај сите потешкотии, таа одлучила јавно да презбори дека го започнала и медицинскиот процес на транзиција.
– Транзицијата најпрво ја започнав тајно. Повеќе не можев да живеам ваков живот, а за тоа знаеја само моите најблиски. Долго време се обидував сето тоа да го потиснам во себе и кога сфатив дека или ќе живеам како девојка, или ќе си го одземам својот живот, знаев дека е време за промени – открива девојката за која што јавното откривање на идентитетот ѝ донело страв и стрес.
Реакциите, открива таа, биле измешани. Лошите секако ги очекувала, но добрите навистина ја изненадиле.
– Поддршката на некои луѓе од кои што тоа сосема и не го очекував беше пријатно изненадување. Тука беше и сознанието дека можам да бидам сакана. Јас сум стрејт девојка и ѝ покрај се имав неколку убави врски полни со искреност и поддршка. Партнерите навистина се грижеа за мене и беа горди со мене, а пак оние на кои што им пречеше сето тоа заминаа по својот пат – вели оваа девојка.
И покрај поддршката која што ја добила, таа потенцира дека транс личностите се чувствуваат незаштитено и правно, и физички.
– Се бориме со животот во телото кое што сепак не прави да се чувствуваме пријатно во него, и токму затоа и не ме ни зачудува статистиката која што вели дека секоја втора транс личност барем еднаш во животот се обидела да си го одземе животот – вели дизајнерката.