Покрај Sony и Sharp како попознати производители на телефони од Јапонија, тука е и Fujitsu, кој пробува да се пробие на пазарот. Веруваме дека барем делумно ќе успее да се прослави со овој телефон.
Новиот Fujitsu Arrows NX F-04G (огромно име) е првиот телефон на светот со вграден ретина скенер (или скенер на очи). Оние кои имале прилика да го тестираат тврдат дека е далеку подобар од било кој скенер на отпечатоци, а процесот е толку брз што не ни можете да забележите како работи. Скенерот е вграден на горниот десен дел од телефонот, место каде што најчесто се наоѓа предната камера.
Останатите спецификации се подеднакво импресивни – 5,2 инчен екран со QuadHD резолуција од 2560 x 1440 пиксели заштитен со Gorilla Glass 3, додека пак во внатрешноста се наоѓа octa-core Snapdragon 810 процесор со 64-битна архитектура и Adreno 430 графички процесор.
Тука е и RAM меморијата со големина од 3 гигабајти, како и простор за складирање на податоци од стандардни 32 гигабајти, кој можете да го проширите преку MicroSD картичка. Камерата на задната страна е со резолуција од 20,7 мегапиксели и Sony Exmor сензор, додека пак предната камера има резолуција од 2,4 мегапиксели.
Како и секој квалитетен јапонски телефон, Fujitsu Arrows поседува IP68 сертификат, што значи отпорен е на вода и прашина. Финално, тука е батеријата од 3,120 милиампер часови, поддршка за 4G LTE мрежа и BlueTooth 4.1.
Цената, за жал, ќе биде високи 740 евра и тоа за заклучената верзија на јапонскиот оператор DoCoMo.