Денес ќе ви покажеме неколку начини како да носите топли (дебели) џемпери и да изгледате кул и шик.
Повеќето џемпери изгледаат гломазно, но тоа не значи дека ќе изгледаат несоодветно и масивно и кога ќе ги облечете. Напротив, ефектот може да биде сосема спротивен, односно не само што нема да ви додаваат килограми, туку со вистинскиот модел многу лесно можете и да го сокриете вишокот. Од друга страна пак, постојат безброј начини како со помош на убав топол џемпер да изгледате дамски и стилизирано, а се што е потребно е да го пронајдете моделот со вистинските пропорции за вас, односно моделот што најмногу одговара на формата на вашето тело и вистинската величина, ниту поголема, ниту помала. И потоа да го стилизирате на вистински начин.
Можете да изберете монохроматски модел, на пример во црна боја и да го комбинирате со црни хеланки и вашите омилени чизми до глужд (ова ќе биде најдобро да го направите со долг модел на џемпер и само за „специјални“ опуштени и пригоди!). Кратките модели пак можете да ги носите со тесни фармерки, додека за ултимативен шик изглед пробајте да направите комбинација со пар кулоти кои се задолжително парче за оваа есен и зима.
Понекогаш, кога ќе сакате да внесете промени во вашата гардероба и да пробате нешто ново, обидете се да го носите џемперот така што едната страна ќе ја ставите во здолништето, а другата половина ќе ја оставите надвор, или пак едноставно побарајте некој оверсајз модел и носете го со тренди кратко здолниште и стејтмент обувки со високи потпетици.
Џемперите се совршени и за слоевитите комбинации, а оваа сезона ви препорачуваме да ги носите под оверсајз блејзери или пак под војничките капути или пак врз тренди кошула во комбинација со кратки бели шорцеви.
Доколку пак го преферирате класичниот дамски изглед, тогаш се што треба да направите е да го изберете вашиот омилен фустан со цветови (или вашето омилено миди здолниште) и да го покриете горниот дел со краток тесен џемпер.