
Во западниот свет е позната како Рокселана, а во источниот како Хасеки Хурем султанија. Таа е родена како Александра Анастасија Лисовска во 1506 година во денешна Украина, а тогашна Царска Русија.
Татко ѝ бил православен свештеник и таа водела сосема нормален живот се додека целото нејзино семејство не било убиено од кримските Татари. Како единствена преживеана, Александра била заробена и потоа однесена во Истанбул и продадена како робинка во харемот на моќниот Сулејман Величествениот.
Народот за неа зборувал дека е вештерка и маѓесница, додека на европските дворови ја сметале за голема манипулаторка која не се плаши од ништо.
Таа по природа била многу борбена, итра, вешта во манипулирање со луѓето, мила како јагне и опасна како волк, а во еден момент донела одлука да стане господарка. Со милата насмевка, радоста и животот кои зрачеле од неа го освоила срцето на големиот султан и станала негова миленичка, а потоа и сопруга.
Таа промислено и со цел го прифатила исламот, за да може полесно да го реализира својот план и да ја зголеми својата моќ. Следниот чекор и бил да роди деца, и тоа син, кој би бил потенцијален наследник на престолот.
Таа била мошне итра во интригите во харемот и многу блиска со султанот, па смислено ги елиминирала еден по еден сите противници на дворот.
Таа е првата робинка која станала султанка. Таа е првата жена со која се венчал еден султан и ја направил негова законска сопруга, Рокселана или Хурем е единствена султанка на која по раѓање на принцот и е дозволено да остане на дворот со султанот и тоа до нејзината смрт.
Меѓу другото, Хурем исто така била и единствената жена која имала улога на советник на султанот. Таа успеала донекаде да ја засили улогата на жените на османлискиот двор, способни да влијаат од сенка на владетелите и нивните одлуки.