
Бесрамната кинеска копија на моделот на Land Rover Evoque во Кина се продава под називот Land Wind X7, бидејќи официјалната жалба на Land Rover упатена во 2014 година кон кинеските челници очигледно не наиде на разбирање.
Кинезите навистина претерале, затоа што “нивниот” кросовер Land Wind X7 бесрамно потсетува на моделот Evoque на Land Rover. Со неколку незначително поинакви каросериски стилски детали и поинакви ознаки, се друго буквално изгледа како оригиналниот британски модел.
Официјалните жалби на Land Rover за кражба на интелектуална сопственост очигледно не наидоа на разбирање кај надлежните кинески власти, бидејќи Land Wind X7 и официјално беше претставен на кинескиот автомобилски пазар на кој ќе се продава за само 21.700 долари, што е само една третина од износот кој Land Rover го бара на кинескиот пазар за нивниот модел Evoque.
Од Land Wind изјавија дека моделот X7 веќе го нарачале 5.500 купувачи, а првите примероци во продажните салони ширум Кина би требало да се појават кон крајот на август.






