Вака изгледа светот гледан низ очите на Daniel Stoupin, студент на докторски студии за поморска биологија на Универзитетот во Квинсленд во Австралија. Тој на ова видео кое трае цели три минути посветил девет месеци, фотографирајќи повеќе од 150000 фотографии.
Насловено “Slow Life”, видеото се фокусира на коралите, сунѓерите и други морски суштества. Нивниот секојдневен живот е фотографиран во период од неколку часа, а потоа фотографиите се сплотени во стоп кадри.
Овие животни се срцето на коралниот гребен и играат важна улога во биосферата, а сепак ние не знаеме рeчиси ништо за нивните секојдневни животи. Стопин се надева дека со своето макотрпно видео, ќе придонесе за развој на свеста за деструктивното влијание кое човекот го има врз морскиот свет. Фокусот го става особено на оние делови од гребенот кои се уништени поради трендот на домашни аквариуми. Тој вели дека не очекува ниту бара луѓето да го напуштат своето хоби, но се надева дека ќе придонесе кон тоа луѓето навистина да ги сакаат, да се грижат и да го негуваат живиот свет во коралниот гребен.
Една 27 годишна студија ориентирана на здравјето на животот во Големиот корален гребен, која завршува во 2012 година, покажува дека еко-системот трпи огромен пад, при што половина од животните во гребенот изумреле во овој период. Дел од факторите на кои се должи ова се затоплувањето на морските води поради климатските промени и намалувањето на хранливите состојки со кои се храни морскиот живот.