„Никогаш не замислував дека јас и ти, од сите луѓе, би можеле да поминеме низ нешто така поразувачки “, го започнува писмото 29-годишниот Ентони Дамбросио кон својата поранешна сопруга во јавно обраќање преку интернет страницата „Asbury Park Press” за која повремено пишува.
Во писмото насловено „Барем да те држев поцврсто“, овој маж говори за болката поради разводот, неверицата и разочарувањето, кои им се заеднички на сите кои поминале низ истото искуство. Дамбросио се присетува на убавите и грдите моменти и се обидува да го објасни начинот на кој реагирал на нив.
„Се сеќаваш ли на сите оние моменти кога ми викаше, а јас само гледав во тебе? Кога ќе ме прашаше зошто, јас ќе се насмеев или ќе се налутев затоа што си го поставила тоа прашање со потсмев. Знаеш што? Те гледав затоа што мислев дека си најубава личност на целиот свет. Не ми беше грижа што носиш на себе и дали си се нашминкала. Гледав во тебе и се губев во твојата насмевка.
Ги сакав сите твои маани за кои веруваше дека ги имаш – кога се гледаше во огледало и секогаш го вовлекуваше стомакот: како секогаш ја анализираше секоја фотографија која сме ја снимиле заедно и ме тераше да ја избришам секоја девета од нив десет, како одеше наоколу зборувајќи на телефон кога беше нервозна. Или како мразеше кога некој би те сликал… забележував се` и го сакав тоа“, пишува овој 29-годишен маж.
Дамбросио во писмото го опишува начинот на кој ја запросил сопругата и како се чувствувал за време на венчавката, но не ги споменува причините за прекинот на бракот.
„Разочаран сум што нема да го напишеме својот среќен завршеток, но никогаш нема да бидам бесен. Никогаш нема да те мразам и никогаш нема да лажам за моите чувства. Бог ми ја даде оваа неверојатна прилика да љубам која ме доведе до многу убави места, ме научи важни лекции за животот и ми даде сеќавања кои ќе ги помнам засекогаш. Како би можел да бидам лут за тоа?“, пишува Дамбросио и додава:
„Да го знаев она што го знам сега, би те држел поцврсто во текот на нашиот прв танц и би одбрал песна која нема крај“.
Писмото преполно со искреност и емоции се прошири низ интернет за само неколку дена и ја надмина бројката од неколку милиони прегледи. Исто така ги подели коментаторите на оние кои сочувствуваат со 29-годишниот маж и оние кои сметаат дека тоа е само обид за доживување на 5 минути слава.
Целото писмо на англиски јазик можете да го прочитате ТУКА.