Вчера имав средба со еден сериски депресивен колега. Толку беше очаен, што дури се мислеше да замине. Не му оделе работите, не го бивало за ништо… Се обидов малку да го бодрам. Но не, тој си тераше по негово. За ништо не го бива и толку. Чудно ми беше, како за скромните 25 години, сватил дека не го бива за ништо… Потоа се сетив дека и една пријателка ми зборуваше слични глупости пред некое време. Се замислив, модерно или зараза стана ова?
Немате поим колку луѓето понекогаш се чувствуваат бесполезни. Колку луѓето мислат дека не значат ништо за никого и дека се неспособни, осамени, осудени само да постојат.
А верата во себе е најмоќниот мотор во животот. Дури и најсреќните “случајности” им се случуваат само на самоуверените. Значи, ако сакаме да успееме, да се чувствуваме целосни, мора прво да почнеме од себе.
Сите сме човечки суштества и всушност не сме толку различни еден од друг. Дишеме ист воздух, чекориме на истата земја, чувствуваме глад и жед. Сите одиме од еден и ист почеток. Оттаму натаму – се зависи од нас. Некој зборува пет јазици. Да, но со устата со која и вие зборувате. Девојка има повитка фигура од вашата. Да, но и таа има две нозе, две раце… исто како вас!
Каде е проблемот тогаш? Проблемот е во нашата сопствена проценка и уверување. Всушност, ако погледнеме филозовски на работите, ќе сватиме дека само со верба во себе, можеме се. Вистина е! Едноставно мора да престанеме да си бараме оправдувања за сопствената неактивност.
Прво треба да научиме да се сакаме себе, пред да очекуваме другите да не сакаат. Да гледаме на неуспесите, како на часови! Не, не се доказ дека сме неспособни.
Живејте го животот позитивно. Однесувајте се со луѓето онака како што сакате тие да се однесуваат кон вас. Имајте самодоверба. “Јас сум. Ако не сум, можам да бидам! Под услов да пробам!”.
И да разбереме еднаш за секогаш: Никој не ни е должен за ништо!
Сте направиле услуга на некого и сега тој лошо се однесува. Сте сакале – сте ја направиле. Крај! Се е во ваши раце. Нема големи неблагодарници, има големи очекувања. Нема среќа, има позитивно размислување и вера! Прв, втор, трет неуспех, голема работа! На четвртиот пак ќе станете. Само да не се откажувате и да верувате во себе.