
Од 37 најголеми резервоари ширум светот, дури 21 ја минале точката на одржливост, што значи дека повеќе вода била извадена отколку вратена за време на период од 10 години истражување, изјавиле научниците. Вкупно 13 резервоари се наоѓаат во навистина проблематична состојба. Истражувачите велат дека станува збор за долгорочен проблем, кој веројатно ќе се влошува со растењето на зависноста од овие извори.
Од сушата во Калифорнија има неверојатни последици. Веќе долго време постои сомнение дека луѓето ги уништуваат светските подземни извори на вода, но податоците од НАСА ја даваат првата детална оцена, која покажува дека главните резервоари за вода навистина се борат да држат чекор со потребите во земјоделството и растечката популација, како и индустриите како рударската.
“Ситуацијата е прилично критична”, рекол научникот Џеј Фамиљиети од лабораторијата на НАСА во Калифорнија. Од вкупната човечка потрошувачка на вода, 35 проценти отпаѓа на подземните резервоари, а побарувачката за подземните резерви е сè поголема во време на суша. Калифорнија, која минува низ тежок период на суша, моментално 60 проценти од водата ја добива од подземјето, со оглед на тоа дека реките и надземните резервоари се пресушени. Тоа е голем пораст на потрошувачката, доколку се земе во предвид дека Калифорнија од земјата црпи 40 проценти од вкупната потрошувачка на вода.
Изворите не се вечни – Најзагрозените резервоари за вода се наоѓаат во сиромашните, густо населени подрачја, како што се северозападна Индија, Пакистан и Северна Африка, каде вторите опции за набавка на вода се ограничени, а недостигот може лесно да доведе до нестабилност.
На овие подземни резервоари ќе им бидат потребни илјадници години за малку да се наполнат со вода од стопените снегови и дождови, а сега тие резервоари се наоѓаат под голем стрес.
“Количината на вода во целиот свет опаѓа”, вели Фамиљети. “Не постои бесконечен извор на вода”, додава тој.