Никогаш не ти кажав дека само за тебе пишувам. Не планирам да ти покажам ниту збор, но потајно се надевам дека ќе налеташ на мојава приказна.
Никогаш не ти кажав дека не сакам ова да заврши. Никогаш не ти признав дека сакам да ме запреш во моментот кога прекинував, затоа што отсекогаш се надевав дека ќе успееме.
Си замислував како ќе беше јас да сум твоја, а ти вечно мој. Сонував како одиме и се држиме за рака, додека ти ми шепнуваш дека ме сакаш.
Никогаш не ти кажав колку пати сонував дека ми ѕвониш на врата за да ми кажеш дека згрешивме.
Никогаш не ти кажав колку ми беше секси додека ги носеше очилата. Твојата повлеченост ми создаваше пеперутки во стомакот.
Никогаш не ти кажав дека тој не ме прави среќна како што ти ме правеше. И затоа не можам да престанам да те замислувам додека сум со него. Но, знам дека заслужувам повеќе отколку што ти можеше да ми дадеш.
Никогаш не ти кажав дека твоите оправдувања беа за никаде. Беше исплашен, разбирам, и јас бев. Но, само да ни дадеше шанса…
Никогаш не ти кажав дека понекогаш сакам да те мразам, да те заборавам, да се преправам дека никогаш не си постоел. Но, не можам и нема да успеам.
Никогаш не ти кажав дека те лажев, дека не сакам да останеме пријатели. Никогаш не успева.
Никогаш не ти кажав колку се каам што те повредив еднаш. Да можам, веднаш ќе ги повлечам зборовите.
Никогаш не ти кажав дека не можам да престанам да мислам на последната заедничка ноќ. Сега посакувам да имавме повеќе такви. Таа последна ноќ ме направи да се чувствувам живо, како конечно да можеме да успееме.
Никогаш не ти кажав дека сакам да ти заспивам во раце, затоа што тоа беше моето омилено место од целиот свет.
Се прашувам колку работи имаш и ти што никогаш не си ми ги кажал…