
Докторите успешно ја решиле здравствената мистерија кај еден 56 годишен пациент. Деталните лабораториски тестови откриле високо ниво на калциум оксалат во неговата урина, кој е составен дел од бубрежниот камен.
Имено, било откриено дека мажот од Арканзас, кој дошол во болницата поради мачнина, слабост на организмот, умор и болки во телото, пиел повеќе од четири литри леден чај на ден.
Докторите биле зачудени кога мажот им рекол дека никогаш немал камен во бубрегот, ниту дека во неговото семејство постои таква анамнеза.
Низ детални разговори пациентот открил дека пие повеќе од четири литри леден чај на ден, што се покажало како причина за неговите проблеми со бубрезите. Црниот чај има високо ниво на оксалат, а ако се консумира во големи количини може да предизвика дури и застој на бубрезите.
Пациентот поради проблеми со бубрезите морал веднаш да оди на дијализа. Поради тешкото оштетување на бубрезите тој ќе мора доживотно да оди на дијализа.
“Тоа е единственото разумно решение”, изјави доктор Умбар Гафар, кој за овој случај напишал статија во “New England Journal of Medicine”.