
Зоран Громовиќ (45) од Травник, БиХ, учесник во минатогодишното музичко шоу „Ѕвездите на Пинк“ е приведен под сомнение дека со автомобилот намерно ја усмртил својата девојка Јелена Туршум (35), државјанка на Србија, која живее во Какањ.
Ненад Шкориќ, очувот на Јелена, рекол дека Зоран до смрт ја тепал, а потоа со своето возило ја прегазил, пишува српски “Блиц“.
– Нашата Јелена Зоран во саботата ја однел меѓу викендичките, каде има малку луѓе. Тука ја тепал и и ги кршел коските додека не се онесвестила и паднала на земја. Бесен на неа, седнал во својот „пасат“ и три пати поминал преку нејзиното тело додека не умрела. Тогаш отишол до првата викендичка и сам повикал полиција – раскажува за српски „Ало“ Ненад Шкориќ, очувот на трагично настраданата пејачка.
Зоран Громовиќ е задржан во полициската станица во Травник, каде во неделата бил сослушан поради сомнение дека ја убил Јелена. Тој по криминалистичката обработка ќе биде предаден во надлежност на Обвинителството.
Во МУП на Среднобосанскиот кантон рекле дека добиле пријава дека на локалниот пат во местото Горње Путичево во близина на Травник се наоѓа безживотно тело.
Кога полицијата пристигнала на местото на злосторството, го затекнала Зоран, кој стоел покрај автомобилот „пасат“ и телото на Јелена.
Според зборовите на соседите, Зоран и Јелена имаат по две деца од првиот брак. Тој е музичар, а Јелена е пејачка, и последната година тие двајца живееле во неговата куќа во Горње Путичево.